|
Скопје, ноември 2006 година
Врз основа на член 32 алинеја 11 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, (“Службен весник на РМ” бр.13/2006 година) Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер, на седницата одржана на 21.11.2006 година донесе
СТАТУТ НА КОМИСИЈАТА ЗА ЗАШТИТА НА ПРАВОТО ЗА СЛОБОДЕН ПРИСТАП ДО ИНФОРМАЦИИТЕ ОД ЈАВЕН КАРАКТЕР
I.ОПШТИ ОДРЕДБИ
Член 1
Со овој Статут се уредуваат прашањата за :
-името и седиштето на Комисијата;
-надлежноста на Комисијата;
-организацијата и работата на Комисијата;
-составот, начинот на работата и организирањето на стручната служба на Комисијата;
-општите акти и постапката за нивно донесување и други прашања значајни за работењето и надлежноста Комисијата.
II. ИМЕ И СЕДИШТЕ НА КОМИСИЈАТА
Член 2
Името на Комисијата гласи: Комисија за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер.
Скратената ознака на името е КЗПСПИЈК.
Член 3
Седиштето на Комисијата е во Скопје, на булевар “Гоце Делчев”, бб.
Член 4
Комисијата има печат и штембил.
Печатот има тркалезна форма со димензии од 3,7 см во пречник и го содржи текстот на името во полн назив.
Штембилот има правоаголна форма со димензии 6,5 см на 3,6 см и во него, покрај полниот назив на името, означено е и место за број и за датум на актот.
Член 5
Комисијата има заштитен знак (или лого).
Комисијата со Одлука ги утврдува формата, содржината и употребата на заштитниот знак.
Член 6
Во своето работење Комисијата користи единствен меморандум приспособен за употреба во земјата и странство.
Во меморандумот се содржани текстот на името на Комисијата и седиштето напишани на македонски јазик и неговото кирилско писмо и на англиски јазик, заштитниот знак на Комисијата и други податоци неопходни за ефикасно остварување на соработката.
III. НАДЛЕЖНОСТ НА КОМИСИЈАТА
Член 7
Комисијата ги врши следниве работи:
-одлучува по жалби против решението и заклучокот со кој имателот на информацијата го одбил барањето за пристап до информации на барателите на информациите;
-се грижи за спроведувањето на одредбите на овој закон;
-подготвува и објавува листа на иматели на информации;
-дава мислења по предлози на закони со кои се уредува слободен пристап до информации;
-презема активности на планот на едукацијата на имателите на информациите со кои тие располагаат;
-соработува со имателите на информации во однос на остварувањето на правото на пристап до информации;
-донесува статут, како и други акти со кои го уредува начинот на работата и организацијата на Комисијата.
Член 8
Заради остварување на надлежностите од член 7 на овој Статут, Комисијата донесува годишни програми за работа на Комисијата.
За својата работа Комисијата поднесува Годишен извештај до Собранието на РМ.
Член 9
Комисијата има својство на правно лице.
Во правниот промет со трети лица Комисијата настапува во свое име и за своја сметка и за обврските преземени во тој промет одговара со целиот свој имот.
IV. ОРГАНИЗАЦИЈА НА КОМИСИЈАТА
1.КОМИСИЈА
Член 10
Комисијата работи и донесува одлуки на седници во полн состав.
По исклучок, седниците на Комисијата можат да се држат доколку на седниците присуствуваат мнозинството од вкупниот број на нејзините членови.
Комисијата решава со мнозинство гласови од вкупниот број на членови.
Член 11
Седниците на Комисијата ги свикува претседателот на Комисијата по своја иницијатива, по барање на мнозинството од членовите на Комисијата или на предлог на раководителот на Стручната служба.
Член 12
Комисијата:
-го донесува Статутот на Комисијата, за кој согласност дава Собранието на Република Македонија;
- донесува Деловник за работа на Комисијата;
-донесува акти за организација и систематизација на Стручната служба на Комисијата;
-го именува и разрешува раководителот на Стручната служба на Комисјата;
-донесува Упатство за начинот и постапката за спроведување на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер;
-подготвува годишен извештај за својата работа и го доставува до Собранието на Република Македонија;
-донесува други општи акти и врши нивно изменување и дополнување;
-ја усвојува Програмата за работа на Комисијата;
-ја утврдува деловната политика на Комисијата;
-дава мислења по предлози на закони со кои се уредува слободен пристап до информации;
-дава правна помош на барателите на информациите;
-заедно со субјектите наведени во член 49 став 6 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, организира обука за лицата одговорни за спроведување на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер;
-остварува јавност во својата работа преку редовни соопштенија, информации до јавноста, ВЕБ страната на Комисијата или на друг начин;
2. Претседател на Комисијата
Член 13
Претседателот на Комисијата ја застапува, претставува, и раководи со нејзината работа.
3. Стручна служба на Комисијата
Член 14
Управните, стручните и другите административно технички работи ги врши стручната служба на Комисијата.
Со стручната служба на Комисијата раководи раководител, кој го именува и разрешува Комисијата.
VI. СРЕДСТВА ЗА РАБОТЕЊЕ И РАЗВОЈ НА КОМИСИЈАТА
Член 15
Средствата за работењето и развој на Комисијата ги сочинуваат:
-Средства од Буџетот на Република Македонија;
-од други извори во согласност со закон.
VII. ЈАВНОСТ ВО РАБОТАТА
Член 16
Преку средствата за јавно информирање, сопствени билтени и други форми за информирање, се известуваат барателите на информации и имателите на информации за работата на Комисијата.
VIII. ОПШТИ АКТИ НА КОМИСИЈАТА
Член 17
Комисијата, покрај Статутот и Упатството за начинот и постапката за спроведување на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, Правилникот за организација и систематизација донесува и други општи акти што се потребни за остварувањето на правата, обврските и одговорностите на вработените во Стручната служба на Комисијата.
Поединечните акти што ги донесува претседателот мора да бидат во согласност со соодветните општи акти на Комисијата.
Член 18
Измените и дополнувањата на општите акти се вршат со иста постапка како и постапката утврдена за нивно донесување.
Општите акти влегуваат во сила осмиот ден од денот на нивното објавување на огласната табла на Комисијата.
Општите акти се применуваат од денот на нивното влегување во сила, освен ако со одлука за нивно донесување не е поинаку определено.
X. ПРЕОДНИ И ЗАВРШНИ ОДРЕДБИ
Член 19
Овој Статут влегува во сила со денот на објавување во “Службен весник на Република Македонија”, а ќе се објави по добивањето на согласност од Собранието на Република Македонија.
Скопје, ноември 2006 год.
Претседател
Јанко Николовски
|