Врз основа на член 75 ставови 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, претседателот на Република Македонија и претседателот на Собранието на Република Македонија издаваат
У К А З
ЗА ПРОГЛАСУВАЊЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ИЗМЕНУВАЊЕ И ДОПОЛНУВАЊЕ НА ЗАКОНОТ ЗА СЛОБОДЕН ПРИСТАП ДО ИНФОРМАЦИИ ОД ЈАВЕН КАРАКТЕР
Се прогласува Законот за изменување и дополнување на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер,
што Собранието на Република Македонија го донесе на седницата одржана на 12 јануари 2010 година.
Бр. 07-120/1 Претседател на
12 јануари 2010 година на Република Македонија
Скопје Ѓорѓе Иванов, с.р.
Претседател
На Собранието на Република
Македонија
Трајко Вељаноски, с.р.
ЗАКОН
ЗА ИЗМЕНУВАЊЕ И ДОПОЛНУВАЊЕ НА ЗАКОНОТ ЗА СЛОБОДЕН ПРИСТАП ДО ИНФОРМАЦИИ ОД ЈАВЕН КАРАКТЕР
Член 1
Во Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер („Службен весник на Република Македонија„ број 13/2006 и 86/2008), во членот 1 ставот (1) се менува и гласи:
„Со овој закон се уредуваат условите, начинот и постапката за остварување на правото на слободен пристап до информациите од јавен карактер со кои располагаат органите на државната власт и други органи и организации утврдени со закон, органите на општините, градот Скопје и општините во градот Скопје, установите и јавните служби, јавните претпријатија, правни и физички лица што вршат јавни овластувања, утврдени со закон (во натамошниот текст: иматели на информации).„
Член 2
Во членот 3 алинеите 1 и 2 се менуваат и гласат:
„-„Иматели на информации„ се органите на државната власт и други органи и организации утврдени со закон, органите на општините, градот Скопје и општините во градот Скопје, установите и јавните служби, јавните претпријатија, правни и физички лица што вршат јавни овластувања, утврдени со закон,
- „информација од јавен карактер„ е информација во која било форма што ја создал или со која располага имателот на информацијата согласно со неговите надлежности (во натамошниот текст: информација),“.
По алинејата 4 се додаваат две нови алинеи 5 и 6, кои гласат:
„-“Службено лице“ е лице вработенот кај имателот на информации назначено со акт на одговорното лице, кое посредува со информациите од јавен карактер што ги создал или со кои располага имателот на информации согласно со неговите надлежности и
- „тест на штетност“ е задолжителна постапка која ја спроведува имателот на информацијата, пред да го одбие пристапот согласно со членот 6 од овој закон, а со која ги проверува последиците врз интересот кој се заштитува, односно јавниот интерес што би се постигнал со објавување на информацијата.“
Член 3
Во членот 5 зборот “одговорното“ се заменува со зборот “службеното“.
Член 4
Во членот 6 став (1) точката 8 се брише.
Точката 9 станува точка 8.
Ставот (3) се менува и гласи:
„По исклучок од ставот (1) на овој член имателите на информации ќе одобрат пристап до информација, по задолжително спроведениот тест на штетност со кој ќе се утврди дека со објавувањето на таквата информација последиците врз интересот кој се заштитува се помали од јавниот интерес утврден со закон што би се постигнал со објавувањето на информацијата.“
Член 5
Во членот 10 став (1) алинеја 4 по зборовите: “се однесуваат“ се додаваат зборовите: “актите од“.
Во алинеја 6 зборот “за“ се заменува со зборот “од“.
По ставот (2) се додава нов став (3), кој гласи:
“(3) Како начини за информирање на јавноста за својата работа, имателите на информации е потребно:
- да ги објават законските и подзаконските акти на официјалната веб страница на институцијата,
- да издаваат соопштенија до јавноста за работи преземени од нивна страна во согласност со законските надлежности,
- да објавуваат статистички податоци за својата работа,
- да ги објават извештаите за работата кои ги поднесуваат до органите надлежни за спроведување контрола и надзор и
- на друг начин предвиден со закон да ги направат достапни сите информации од јавен карактер.“
Член 6
Во членот 13 став (2) зборот “десет“ се заменува со зборот “пет“.
Во ставот (3) зборовите “службена белешка“ се заменуваат со зборот “заклучок“.
По ставот (3) се додава нов став (4), кој гласи:
“(4) Против заклучокот од ставот (3) на овој член, барателот на информација има право на жалба до Комиијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер“.
Ставот (4) станува став (5).
Член 7
Во членот 16 став (1) зборовоите “Видот и“ се бришат.
По ставот (1) се додава нов став (2), кој гласи:
“(2) Барањето се поднесува на образецот од ставот (1) на овој член или во друга форма и на начин согласно со членот 12 став (1) од овој закон“.
Во ставот (4) кој станува став (5) зборовите: “не мора“ се заменуваат со зборовите: “не е должен“.
Ставовите (2), (3) и (5) стануваат ставови (3), (4) и (6).
Член 8
Во насловот на точката 6 пред членот 17 зборовите: “и одбивање“ се бришат.
Член 9
Во членот 17 во ставот (3) се додава нов став (4), кој гласи:
’(4) Против заклучокот за запирање на постапката дозволена е жалба до Комисијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер“.
По ставот (4) кој станува став (5) се додава нов став (6), кој гласи:
“(6) Против решението за отфрлање на барањето дозволена е жалба до Комисијата за заштита на правото на слободен пристап до информаци од јавен каркатер.“
Член 10
Во членот 18 став (1) зборот “десет“ се заменува со зборот “три“.
Член 11
Во членот 21 став (2) по зборовите: “ако е поповолно“ се додаваат зборовите: “за барателот“.
Член 12
Во членот 22 ставот (3) се менува и гласи:
“Ако имателот на информацијата не постапи во рокот од ставот (1) на овој член, барателот на информацијата може да поднесе жалба до Комисијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер“.
Член 13
Во членот 24 по ставот (4) се додава нов став (5), кој гласи:
“(5) ако имателот на информацијата не одговори на повторното барање на барателот на информацијата, по истекот на рокот утврден со ставот (4) на овој член, барателот на информацијата може да поднесе жалба до Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информации од јавен карактер.“
Член 14
Во членот 26 став (2) зборовите: “Барателот писмено се известува“ се заменуваат со зборовоите: “имателот на информацијата со заклучок ќе ја прекине постапката“.
По ставот (2) се додава нов став (3), кој гласи;
“(3) Против заклучокот од ставот (2) на овој член, брателот на информација може да поднесе жалба до Комисијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен каркатер“.
Член 15
Во членот 28 став (2) по зборот “закон“ се става точка и зборовите до крајот на реченицата се бришат.
Ставот (4) се менува и гласи:
„Ако Комисијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер во рокот од ставот (3) на овој член не донесе решение по жалбата на барателот против првостепеното решение, а не го донесе ниту во рок од седум дена по повтореното барање, барателот може да поведе управен спор“.
Член 16
Во членот 30 ставот (1) се менува и гласи:
“Комисијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавенкарактер (во натамошниот текст: Комисијата) е независен државен орган, кој работи и донесува одлуки во согласност со надлежностите утврдени со овој закон“.
По ставот (2) се додава нов став (3), кој гласи:
“(3) Комисијата има својство на правно лице“.
Член 17
Членот 31 се менува и гласи:
„(1) Комисијата е составен од претседател, негов заменик и три члена, кои функцијата ја извршуваат професионално со мандат од пет години и со право за повторен избор.
(2) Претседателот, заменикот и членовите ги именува и разрешува Собранието на Република Македонија по предлот на Комисијата за прашања на изборите и именувањата.
(3) Собранието на Република Македонија објавува јавен конкурс за избор на претседател, заменик и членови на Комисијата. Комисијата за прашања за изборите и именувањата на Собранието на Република Македонија подготвува предлог на листа на кандидатите за претседател, заменик и членови на Комисијата и ја доставува до Собранието на Република Македонија.
(4) За претседател на Комисијата се именува лице државјанин на Република Македонија, со високо образование, осум години работно искуство во областа на информирањето и правните работи, како и да не е член на орган на политичка партија.
(5) За заменик на претседателот се именува лице државјанин на Република Македонија, со високо образование, шест години работно искуство, од кои три години во невладиниот сектор и да не е член на орган на политичка партија.
(6) За член на Комисијата се именува лице државјанин на Република Македонија, со високо образование, пет години работно искуство во областа на информирањето и правните работи и да не е член на орган на политичка партија.
(7) Претседателот ја раководи, ја застапува и ја претставува Комисијата“.
Член 18
По членот 31 се додава нов член 31-а, кој гласи:
“Член 31-а
(1) Функцијата на претседателот, на заменикот и на член на Комисијата им престанува пред истекот на мандатот:
- ако престане еден од условите утврдени во членот 31 од овој закон,
- по лично барање,
- поради исполнување услови за старосна пензија утврдени со закон,
- поради смрт,
- ако со правосилна одлука му е изречена забрана за вршење на професија, дејност или должност, ако со правосилна судска одлука е осуден на казна затвор од над шест месеци и
- ако Комисијата за прашања на изборите и именувањата на Собранието на Република Македонија утврди предлог за разрешување на претседателот, неговиот заменик или на член на Комисијата поради нестручно и несовесно вршење на функцијата врз основа на предлогот што го донела Комисијата со мнозинство гласови.
(2) Ако на претседателот, неговиот заменик или на член на Комисијата им престане функцијата пред истекот на мандатот согласно со ставот (1) на овој член, во рок од три месеци се избира претседател, негов заменик и член на Комисијата согласно со членот 31 од овој закон.
(3) Мандатот на лицата од ставот (2) на овој член трае до истекот на мандатот на Комисијата“.
Член 19
Во членот 32 алинеја 11 зборовите: “статут, како и други“ се бришат.
По алинеја 11 се додава нова алинеја 12, која гласи:
“- врши промоција на правото на слободен пристап на информации од јавен карактер“.
Член 20
Во членот 33 пред зборот “Комисијата“ се става бројот “(1)“, а реченицата: “начинот на работа и одлучување се уредуваат со Статутот за кој согласност дава Собранието на Република Македонија“, се брише.
По ставот (1) се додава нов став (2), кој гласи:
“(2) Комисијата работи и одлучува со мнозинство од вкупниот број членови.“
Член 21
Насловот на точката 5 се менува и гласи : “Секретаријат“.
Член 22
Членот 34 се менува и гласи:
“(1) За вршење на стручните, административните и техничките работи на Комисијата се формира Секретаријат како стручна служба на Комисијата.
(2) Со Секретаријатот раководи генерален секретар кого го именува и разрешува Комисијата.
(3) Генералниот секретар и вработените во Секретаријатот имаат статус на државни службеници.“
Член 23
Во членот 35 зборот “надлежниот“ се заменува со зборот “Управниот“.
Член 24
Во членот 37 ставот (2) се менуваи гласи:
“Извештајот од ставот (1) на овој член содржи:
- податоци за службените лица задолжени за посредување на информации кај имателите на информации,
- број на поднесени барања,
- број на позитивно одговорени барања,
- број на одбиени барања со наведување на причините за секое одбиено барање,
- број на вложени жалби против првостепени одлуки (решенија и заклучоци) на имателите на информации, со опис на одлуката како и со наведување на причините за донесената одлука во случај на повторно одбивање на бараната информација,
- број на усвоени жалби со одлука на Комисијата,
- број на преиначени првостепени одлуки по постапување на Комисијата,
- број на одбиени жалби од Комисијата и причини за нивно одбивање,
- број на отфрлени жалби од Комисијата и причини за нивно отфрлање,
- број на случаи на молчење на Комисијата,
- број на барања за поведување прекршочна постапка и поведени прекршочни постапки,
- број и видови на изречени прекршочни санкции,
- број на поведени управни спорови против конечната одлука на Комисијата, и
- број и список на донесени судски одлуки во кои тужбата на барателот во управниот спор е позитивно решена, како и наведување на причините на кои се темели одлуката на надлежниот суд.“
Член 25
Во членот 38 зборовите: “во државна администрација“ се заменуваат со збровите: “кај имателот на информации“.
Член 26
Насловот на Главата IX се менува и гласи: “IX. ПРЕКРШОЧНИ ОДРЕДБИ“.
Член 27
Членот 39 се менува и гласи:
“Глоба во износ од 1.000 до 2.000 евра во денарска противвредност за прекршок ќе му се изрече на одговорното лице кај имателот на информацијата доколку не постапи во согласност со членовите 2 став (2) и 6 став (3) од овој закон“.
Член 28
Членот 40 се менува и гласи:
“Глоба во износ од 1.000 до 1.500 евра во денарска противвредност за прекршок ќе му се изрече на одговорното, односно службеното лице кај имателот на информацијата кој ќе даде податоци во спротивно со членот 6 став (1) на овој закон, а поради тоа настанала штета за барателот, за јавноста или интересот кој се заштитува со таа информација.“
Член 29
Членот 41 се менува и гласи:
“Глоба во износ од 300 до 500 евра во денарска противвредност за прекршок ќе му се изрече на одговорното лице кај имателот на информацијата кој нема да определи службено лице надлежно за посредување при остварувањето на правото на слободен пристап до информации согласно со членот 8 ставови (1) и (2) од овој закон“.
Член 30
Членот 42 се менува и гласи:
“Глоба во износ од 500 до 800 евра во денарска противвредност за прекршок ќе му се изрече на одговорното лице кај имателот на информации кој нема да ја води и ажурира евиденцијата на информации со кои тој располага и нема да ги објавува на соодветен начин, достапен на барателот, согласно со членот 9 од овој закон“.
Член 31
Членот 43 се менува и гласи:
“(1) Глоба во износ од 500 до 1000 евра во денарска противвредност за прекршок ќе му се изрече на одговорното лице кај имателот на инфомрации ако не обезбеди за барателите простории за увид во бараните информации согласно со членот 11 од овој закон.
(2) Глоба во износ од 300 до 500 евра во денарска противвредност за прекршок ќе му се изрече на службеното лице за посредување со информации кај имателот на информации, ако на барателите не им укажува помош при барањето на информациите во согласност со членот 11 од овој закон“.
(3) Глоба во износ од 300 до 500 евра во денарска противвредност за прекршок ќе му се изрече на службеното лице кај имателот на информацијата доколку побара образложение од барателот на информацијата спротивно на членот 16 став (5) од овој закон“.
Член 32
Членот 44 се менува и гласи:
“Глоба во износ од 300 до 500 евра во денарска противвредност за прекршок ќе му се изрече на службеното лице за посредување со информации кај имателот на информацијата доколку во предвидениот рок неосновано не ја посредува информацијата согласно со членот 21 од овој закон“.
Член 33
Членот 45 се менува и гласи:
“Глоба во износ од 500 до 800 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за прекшок на одговорното лице кај имателот на информацијата кое нема да подготви годишен извештај за спроведување на овој закон и кое нема да го достави до Комисијата согласно со членот 37 од овој закон“.
Член 34
По членот 45 се додаваат два нови члена 45-а и 45-б, кои гласат:
“Член 45-а
Глоба во износ од 300 до 500 евра во денарска противвредност за прекршок ќе му се изрече на одговорното односно службеното лице кај имателот на информацијата доколку наплати пристап до бараната информација спротивно на членот 10 став (2) од овој закон.
Член 45-б
(1) За прекршоците утврдени со овој закон прекршочната постапка ја води и прекршочни санкции изрекува надлежниот суд.
(2) Пред поднесување на барање за покренување на прекршочна постапка до надлежниот суд се врши порамнување, согласно со Законот за прекршоците“.
ПРЕОДНИ И ЗАВРШНИ ОДРЕДБИ
Член 35
Претседателот, заменикот и членовите на Комисијата именувани согласно со Законот за слободен пристап до инфомрации од јавен карактер („Службен весник на Република Македонија“ бр.13/2006 и 86/2008) продолжуваат со работа до истекот на мандатот за кој се именувани.
Член 36
Поднесените барања за пристап до информации од јавен карактер пред започнувањето на примената на овој закон ќе завршат согласно со Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер („Службен весник на Република Македонија“ бр. 13/2006 и 86/2008).
Член 37
Овој влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија“, а ќе започне да се применува од 1 јуни 2010 година.