Закон за слободен пристап до информации од јавен карактер

I. ОПШТИ ОДРЕДБИ

1. Предмет на законот

 Член 1

 (1) Со овој закон се уредуваат условите, начинот и постапката за остварување на правото на слободен пристап до информациите од јавен карактер со кои располагаат органите на државната власт и други установи и институции утврдени со закон, органите на општините, на градот Скопје и на општините во градот Скопје, јавните установи и служби, јавните претпријатија, правни и физички лица што вршат јавни овластувања и дејност од јавен интерес, утврдени со закон (во натамошниот текст: иматели на информации).

(2) Правото за слободен пристап до информации од јавен карактер се остварува согласно со овој и друг закон.

(3) Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер ќе донесе Упатство за начинот и постапката за спроведување на овој закон.

 2. Цел на законот

 Член 2

 (1) Со овој закон се обезбедува јавност и отвореност во работењето на имателите на информации, и им се овозможува на физичките и правните лица да го остваруваат правото на слободен пристап до информации од јавен карактер.

(2) имателите на информации за својата работа се должни да овозможат информираност на јавноста.

 Член 3

 Определени изрази во овој закон го имаат следново значење:

- “иматели на информации” се органите на државната власт и други установи и институции утврдени со закон, органите на општините, на градот Скопје и на општините во градот Скопје, јавните уставнови и служби, јавните претпријатија и правни и физички лица кои вршат јавни овластувања и делноста од јавен интерес утврдени со закон;

- “информација од јавен карактер” е информација во која било форма која ја создал и со која располага имателот на информацијата, односно со неа располага само имателот на информацијата, согласно со неговите надлежности (во натамошниот текст: информација);

- “барател на информација” е секое правно и физичко лице без дискриминација по која било основа, на начин и под услови утврдени со овој и друг закон (во натамошниот текст: барател) и

- “документ” е секој запис на информација без оглед на нејзината физичка форма или карактеристики, пишан или печатен текст, карти, шеми, фотографии, слики, цртежи, скици, работни материјали, како и звучни, гласовни, магнетски или електронски, оптички или видео снимки во која било форма, како и пренослива опрема за автоматска обработка на податоци со вградени или преносливи мемории за складирање на податоците во дигитална форма.

 3. Слободен пристап до информации

 Член 4

(1) Слободен пристап до информации имаат сите правни и физички лица.

(2) Слободен пристап до информации имаат и странски правни и физички лица во согласност со овој и друг закон.

 4. Објавување на листа

Член 5

 Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер еднаш годишно (во средствата за јавно информирање, билтен, интернет страница) објавува листа на иматели на информации од јавен карактер и на одговорното лице на имателот на информации.

 5. Исклучок од слободен пристап до информации

 Член 6

 (1) Иматели на информации можат да одбијат барање за пристап до информација во согласност со закон ако информацијата се однесува на:

(1) информација која врз основа на закон претставува класифицирана информација со соодветен степен на тајност;

(2) личен податок чие откривање би значело повреда на заштитата на личните податоци;

(3) информација за архивското работење која е утврдена како доверлива;

(4) информација чие давање би значело повреда на доверливоста на даночната постапка;

(5) информација стекната или составена за истрага, кривична или прекршочна постапка, за спроведување на управна и на граѓанска постапка, а чие давање би имало штетни последици за текот на постапката;

(6) информација, што се однесува на комерцијални и други економски интереси, вклучувајќи ги и интересите на монетарната и фискалната политика и чие давање ќе има штетни последици во остварувањето на функцијата;

(7) информација од документ што е во постапка на подготвување и с# уште е предмет на усогласување кај имателот на информации, чие откривање би предизвикало погрешно разбирање на содржината;

(8) информација за заштита на животната средина која не е достапна до јавноста заради заштита на здравјето на луѓето и животната средина; и

(9) информација која ги загрозува правата од индустриска или интелектуална сопственост (патент, модел, мостра, стоковен и услужен жиг, ознака на потеклото на производот).

(2) Информациите утврдени во ставот (1) на овој член, стануваат достапни кога ќе престанат причините за нивната недостаспност.

(3) По исклучок од ставот (1) на овој член имателите на информации ќе одобрат пристап до информација, ако со објавувањето на таквата информација последиците врз интересот кој се заштитува се помали од јавниот интерес што би се постигнал со објавувањето на информацијата.

 6. Делумен пристап

 Член 7

 Ако документот или негов дел содржи информации од членот 6 став (1) на овој закон што можат да се одвојат од документот без притоа да се загрози неговата безбедност, имателот на информации ги одвојува тие информации од документот и го известува барателот за содржината на останатиот дел од документот.

 

II. СЛУЖБЕНО ЛИЦЕ ЗА ПОСРЕДУВАЊЕ СО ИНФОРМАЦИИ

 1. Службено лице

 Член 8

 (1) Секој имател на информации за посредување определува едно или повеќе службени лица при остварувањето на правото на слободен пристап до информации.

(2) Имателот на информации е должен да обезбеди информирање на јавноста за службеното лица за посредување со информации.

(3) Службеното лице за посредување со информации контактира и ги дава потребните информации и му помага на барателот на информации за што води посебна евиденција за примањето на барања за информации, чувањето и давање на информациите.

(4) Повеќе иматели на информации можат заедно да определат едно или повеќе службени лица за посредување при остварувањето на правото на слободен пристап до информации.

III. ДОЛЖНОСТИ НА ИМАТЕЛИТЕ НА ИНФОРМАЦИИ

 1. Листа на информации

 Член 9

 Имателите на информации се должни редовно да водат и да ја ажурираат листата на информации со кои тие располагаат и да ги објавуваат на начин достапен за јавноста (интернет страница, огласна табла и друго).

 2. Посредување на информации

 Член 10

 (1) Имателот на информации е должен да ја информира јавноста за:

- основните податоци за контакт со имателот на информацијата и тоа: назив, адреса, телефонски број, број на факс, е-маил адреса и адресата на веб страницата;

- начинот на поднесување на барање за пристап до информации;

- прописи кои се однесуваат на надлежноста на имателот на информации, поврзани со регистарот на прописи објавени во службеното гласило;

- предлог на програми, програми, стратегии, ставови, мислења, студии и други слични документи кои се однесуваат на надлежноста на имателот на информации;

- сите повици во постапката за јавните набавки и тендерската документација утврдени со закон:

- податоци за неговите надлежности утврдени со закон;

- организацијата и трошоците на работењето, како и за давањето на услуги на граѓаните во управната постапка и за своите активности;

- издавање на информативни билтени и други облици на информирање;

- интернет страницата за објавување на одлуки, акти и мерки со кои се влијае на животот и работата на граѓаните и

- други информации кои произлегуваат од надлежноста и работата на имателот на информации.

(2) Секој имател на информации е должен да овозможи бесплатен пристап до информациите од ставот (1) на овој член.

 Член 11

 Одговорните лица кај имателите на информации за да обезбедат слободен пристап до информации се должни за барателите да обезбедат простории за увид во бараните информации, а службените лица за посредување со информации се должни да им укажуваат помош при барањето на информациите во согласност со овој и друг закон.

 

IV. ПОСТАПКА ЗА ОСТВАРУВАЊЕ НА ПРАВОТО НА СЛОБОДЕН ПРИСТАП ДО ИНФОРМАЦИИ

 1. Усно или писмено барање

 Член 12

 (1) Барателот пристапот до информацијата може да го бара усно, писмено или во електронски запис.

(2) Секој барател врз основа на барање има право на пристап до информација од имателот на информации со кои располага, и тоа со увид, препис, фотокопија или електронски запис.

 2. Усно барање

 Член 13

 (1) Ако барателот бара пристап до информација со усно барање, имателот на информацијата е должен на барателот да му овозможи пристап до информацијата, на начин со кој барателот ќе има доволно време да се запознае со нејзината содржина, за што имателот на информацијата составува службена белешка, освен ако се работи за информации од членот 6 став (1) на овој закон.

(2) Ако имателот на информацијата позитивно одговори на барањето од ставот (1) на овој член, веднаш, а најдоцна во рок од десет дена од денот на поднесување на барањето овозможува запознавање со содржината на бараната информација на начин што му дава на увид или му обезбедува препис, фотокопија или електронски запис од бараната информација.

(3) Ако имателот на информацијата одговори негативно на барањето, или не може веднаш да одговори на барањето, како и ако барателот има устен или писмен приговор на начинот на запознавањето со информацијата, службеното лице за посредување со информации е должно за барањето да изготви службена белешка во која ќе внесе податоци за барателот, датумот на прием на барањето и да го извести барателот за посебното барање, односно за бараната информација.

(4) Во случаите од ставот (3) на овој член натамошната постапка по усно барање продолжува како по писмено барање во согласност со овој закон.

 3. Писмено барање

 Член 14

 (1) За писменото барање за пристап до информации одлучува имателот на информации во постапка утврдена со овој закон.

(2) За прашања на постапката од ставот (1) на овој член кои не се уредени со овој закон, се применуваат одредбите од Законот за општата управна постапка.

 4. Поднесување на барањето

 Член 15

 

(1) Барањето за пристап до информации го поднесува барателот до имателот на информации.

(2) За поднесеното барање од ставот (1) на овој член во електронска форма се применуваат одредбите на овој и друг закон.

 5. Содржина на барањето

 Член 16

 (1) Видот и формата на образецот на барањето за пристап до информациите го утврдува Комисијата и имателот на информацијата е должен да го обезбеди образецот на барателот.

(2) Барањето содржи назив на имателот на информацијата, личното име и презиме на барателот на информацијата, податоци за можниот застапник или ополномоштеното лице, фирмата или правното лице.

(3) Во барањето барателот е должен да ја наведе информацијата со која сака да се запознае и на каков начин сака да се запознае со содржината на бараната информација (увид, препис, фотокопија, електронски запис).

(4) Барателот не мора да го образложи барањето, но е потребно да наведе дека се работи за барање за пристап до информации.

(5) Ако според предметот на барањето произлегува дека се работи за барање за пристап до информации согласно со овој закон, имателот на информацијата задолжително го разгледува барањето во согласност со овој закон.

 6. Дополнување и одбивање на барањето

 Член 17

 (1) Ако барањето е непотполно и пради тоа имателот на информацијата не може да постапува, тој ќе побара од барателот на информацијата да го дополни барањето, со укажување на последиците ако тоа не го направи. Барателот е должен да го дополни барањето во рок од три дена од денот на известувањето за потребата од дополнување на барањето, односно во рок од три дена од денот на приемот на известувањето за потребата од дополнување на барањето.

(2) Службеното лице определено за посредување на информации е должно на барателот да му даде соодветна помош при дополнување на барањето.

(3) Ако барателот не постапи согласно со ставовите (1) и (2) на овој член, имателот на информацијата со заклучок ќе констатира дека барањето е повлечено.

(4) Ако барањето и по дополнувањето не ги исполнува условите од членот 16 на овој закон и поради тоа имателот на информации не може да го разгледува барањето, имателот на информации ќе донесе решение со кое ќе го отфрли барањето.

 7. Препраќање на барањето

 Член 18

(1) Ако имателот на информации што го примил барањето не располага со бараната информација веднаш, а најдоцна во рок од десет дена од денот на приемот на барањето, е должен да го препрати барањето до имателот на информации кој според содржината на барањето е имател на информацијата и за тоа ќе го извести барателот.

(2) Рокот за добивање на информацијата почнува да тече од денот на добивањето на барањето кај имателот на информацијата на кој му е препратено барањето од ставот (1) на овој член.

 Член 19

 Постапката по барањето за пристап до информации од јавен карактер кај имателот на информации ја спроведува службеното лице од членот 8 на овој закон.

 8. Постапување по барањето

 Член 20

 (1) Ако имателот на информации позитивно одговори на барањето, за тоа ќе изготви записник.

(2) Ако имателот на информацијата барањето делумно или целосно го одбие, за тоа ќе донесе решение.

(3) Во случаите од ставот (2) на овој член, решението треба да содржи образложение за причините поради кои барањето е одбиено.

(4) Ако имателот на информацијата во рокот утврден во членот 21 на овој закон не му овозможи на барателот пристап до информацијата и ако не донесе и не му достави на барателот решение од ставот (2) на овој член, се смета дека барањето е одбиено по што може да се поднесе жалба.

Член 21

 (1) Имателот на информацијата е должен веднаш да одговори по барањето на барателот, а најдоцна во рок од 30 дена од денот на приемот на барањето.

(2) Имателот на информацијата ја дава во бараната форма, освен ако бараната информација веќе постои во однапред пропишана форма и е достапна за јавноста и ако е поволно информацијата да се достави во поинаква форма од бараната, за што имателот на информацијата ја образложува причината за ваквиот начин на доставување.

 9. Продолжување на рокот за доставување на бараната информација

 Член 22

 (1) Ако на имателот на информацијата му е потребно подолго време од рокот утврден во членот 21 од овој закон за да овозможи делумен пристап до информацијата, согласно со членот 7 од овој закон или поради обемноста на бараниот документ може да се продолжи рокот, но најмногу до 40 дена од денот на приемот на барањето.

(2) За продолжувањето на рокот од ставот (1) на овој член, како и за образложението на причините за продолжување, имателот на информацијата е должен писмено да го извести барателот, најдоцна во рок од три дена пред истекот на рокот од членот 21 на овој закон.

(3) Барателот на информацијата има право да поднесе жалба до Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер, во рок од осум дена, ако имателот на информацијата не постапи во рокот од ставот (1) на овој член.

 10. Одговорени барања

 Член 23

 Имателот на информацијата е должен да го извести барателот на информацијата во однос на барањето за пристап до информации ако по барањето веќе одговорил позитивно на исто или слично барање на истото лице во рок од шест месеца пред денот на приемот на барањето.

 11. Доставување одговор по бараната информација

 Член 24

 (1) Ако имателот на информацијата позитивно одговори на барањето, веднаш му овозможува на барателот запознавање со содржината на бараната информација и тоа со увид, препис, фотокопија или електронски запис.

(2) Ако барателот бара да му се даде информацијата на увид, имателот на информацијата е должен да му овозможи увид на тој начин што барателот ќе има доволно време да се запознае со нејзината содржина.

(3) Ако, како резултат на добиената информација, произлезе барање за дополнителна информација поврзана со документите кои ги поседува имателот на информацијата, барателот поднесува ново барање, согласно со членовите 15 и 16 од овој закон, заедно со одговорот што веќе го добил.

(4) Ако барателот смета дека информацијата со која се запознал не е информација што ја навел во барањето, може да бара од имателот на информации да му се овозможи запознавање со информацијата што ја навел во барањето најдоцна во рок од десет дена по приемот на повторното барање кај имателот на информацијата.

 12. Јазикот на кој се доставува барањето

 Член 25

 Барателот го доставува барањето до имателот на информацијата на македонски јазик и неговото кирилично писмо, а барателот кој зборува службен јазик различен од македонскиот јазик и писмо, барањето може да го достави и на службениот јазик и писмо што го употребува во согласност со закон.

 13. Одбивање и известување по барањето

 Член 26

 (1) Имателот на информацијата може во целост или делумно да го одбие барањето, ако утврди дека бараната информација е информација од членот 6 став (1), а притоа имајќи го предвид и членот 6 став (3) на овој закон.

(2) Ако барањето се однесува на информација со која не располага имателот или ако бараната информација веќе е објавена во согласност со членовите 18 и 23 од овој закон, барателот писмено се известува.

 14. Право на правна заштита

 Член 27

 Право на правна заштита во согласност со овој закон има барателот кој поднел писмено барање за пристап до информација.

 15. Жалбена постапка

 Член 28

 (1) Против решението со кое имателот на информацијата го одбил барањето, барателот има право на жалба во рок од 15 дена од денот на приемот на решението до Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер.

(2) Барателот има право да поднесе жалба до Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер кога имателот на информацијата не постапил во согласност со членовите 20 став (4), 24 став (4) и 26 став (1) од овој закон во рок од осум дена од денот на приемот на актот.

(3) Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер решава по жалбата на барателот во рок од 15 дена од денот на приемот на жалбата.

(4) Постапката по жалбата од ставот (2) на овој член се спроведува според одредбите на Законот за општата управна постапка.

V. ТРОШОЦИ ЗА ПОСРЕДУВАЊЕ НА ИНФОРМАЦИИ

 Член 29

 (1) Увидот во бараната информација е бесплатен.

(2) Барателот на информација за добиениот препис, фотокопија или електронски запис на информацијата, плаќа надоместок во висина на материјалните трошоци.

(3) Владата на Република Македонија на предлог на Министерството за финансии ќе донесе акт со кој се утврдува надоместокот за материјалните трошоци за дадената информација од имателите на информации.

(4) Имателот на информација висината на надоместокот од ставот (3) на овој член ја објавува на соодветен начин (во службен билтен на имателот на информацијата, интернет страница, огласна табла и слично) и му ја дава на увид на секој барател пред поднесување на барањето.

(5) Ако барањето се однесува на информација од поголем обем, имателот на информацијата може да бара барателот да го даде однапред надоместокот за покривање на трошоците за добивање на информацијата.

VI. КОМИСИЈА ЗА ЗАШТИТА НА ПРАВОТО ЗА СЛОБОДЕН ПРИСТАП ДО ИНФОРМАЦИИТЕ ОД ЈАВЕН КАРАКТЕР

 1. Статус на Комисијата

 Член 30

 (1) Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер (во натамошниот текст: Комисијата е независна во своето работење и во донесувањето на одлуките во согласност на надлежностите утврдени со овој закон.

(2) Средствата за работа на Комисијата се обезбедуваат од Буџетот на Република Македонија. Седиштето на Комисијата е во Скопје. Комисијата за својата работа одговара пред Собранието на Република Македонија до кое поднесува годишен извештај за својата работа.

 2. Состав, именување и разрешување на Комисијата

 Член 31

 (1) Комисијата е составена од пет члена од кои еден е претседател, а друг заменик на претседателот. Мандатот на членовите е пет години со право на повторен избор. Претседателот и заменикот на претседателот својата функција ја вршат професионално.

(2) На предлог на Владата на Република Македонија претседателот, заменикот на претседателот и членот на Комисијата кој е претставник на невладиниот сектор ги именува и разрешува Собранието на Република Македонија за период од пет години со право на повторен избор.

(3) Двајца членови на Комисијата од редот на стручната служба на Комисијата на предлог на Владата на Република Македонија ги именува и разрешува Собранието на Република Македонија за период од пет години со право на повторен избор.

(4) Претседателот на Комисијата ја застапува, претставува и раководи со работата на Комисијата.

(5) За претседател и заменик на претседателот на Комисијата, како и член кој е претставник од невладиниот сектор може да биде именувано лице државјанин на Република Македонија, кој ужива углед и е истакнат во областа на информирањето и пристапот до информации од јавен карактер.

(6) Претседателот, заменикот на претседателот и членовите на Комисијата за време на траење на нивниот мандат не можат да вршат должности во органите на политичките партии.

(7) Собранието на Република Македонија ги разрешува од должност претседателот, заменикот на претседателот и членот на Комисијата пред истекот на мандатот на предлог на Владата на Република Македонија, ако тоа сам го бара, во случај на болест поради која нема да биде во состојба да ги извршува своите задачи или кога работи спротивно на одредбите на овој закон.

(8) Ако на член на Комисијата или негов заменик му престане функцијата врз основа на ставот (7) од овој член пред истекот на неговиот мандат, по предлог на Владата на Република Македонија, Собранието на Република Македонија именува нов член со нов мандат во Комисијата.

 3. Надлежност на Комисијата

 Член 32

 Комисијата ги врши следниве работи:

- одлучува по жалби против решението и заклучокот со кој имателот на информацијата го одбил барањето за пристап до информации на барателите на информации:

- се грижи за спроведување на одредбите од овој закон;

- подготвува и објавува листа на иматели на информации:

- дава мислења по предлози на закони со кои се уредува слободен пристап до информации;

- презема активности на планот на едукацијата на имателите на информации за овозможување на барателите слободен пристап до информациите со кои тие располагаат;

- соработува со имателите на информации во однос на остварувањето на правото на пристап до информации;

- дава предлози за потребните средства за работа на Комисијата при изготвувањето на Буџетот на Република Македонија;

- донесува Деловник за својата работа;

- подготвува годишен извештај за својата работа и го доставува до Собранието на Република Македонија;

- извршува работи на меѓународна соработка поврзани со извршувањето на меѓународните обврски на Република Македонија, учество во спроведувањето на проекти на меѓународните организации и соработува со органите на другите земји и институции од областа на слободниот пристап до информации од јавен карактер;

- донесува статут, како и други акти со кои го уредува начинот на работа и организацијата на Комисијата и

- врши и други работи утврдени со овој и друг закон.

 4. Начин на работа

 Член 33

 Комисијата работите од својата надлежност ги врши на седница. Начинот на работа и одлучување се уредуваат со Статутот, за кој согласност дава Собранието на Република Македонија.

 5. Стручна служба

 Член 34

 Управните, стручните и другите административно-технички работи на Комисијата ги врши стручна служба со која раководи раководител, кој го именува и разрешува Комисијата.

 6. Судска заштита

 Член 35

 Против решението на Комисијата може да се поднесе тужба за поведување управен спор до надлежниот суд.

 VII. ИНФОРМИРАЊЕ НА ЈАВНОСТА ВО ВРСКА СО ПРИСТАПОТ ДО ИНФОРМАЦИИ

 Член 36

 (1) Имателите на информации ја запознаваат јавноста со начинот и условите за пристап до информации.

(2) Имателите на информации за примената на одредбите на овој закон соработуваат со имателите на информации и со Комисијата.

 VIII. ГОДИШЕН ИЗВЕШТАЈ

 Член 37

 (1) Одговорното лице на имателот на информацијата е должен да подготви годишен извештај за спроведување на овој закон и да го достави до Комисијата до 31 јануари во тековната година за претходната година.

(2) Извештајот од ставот (1) на овој член содржи:

- податоци за службените лица задолжени за посредување на информации кај имателите на информации;

- број на поднесени барања;

- број на позитивно одговорени барања;

- број на одбиени барања со наведување на причините за секое одбиено барање;

- број на вложени приговори и одлуки, со опис на одлуката како и со наведување на причините за донесената одлука во случај на повторно одбивање на бараната информација;

- број на поведени управни спорови против конечната одлука или во случај на молк на имателот на информации и

- број и список на донесени судски одлуки во кои тужбата на барателот во управниот спор е позитивно решена, како и наведување на причините на кои се темели одлуката на надлежниот суд.

(3) Комисијата изготвува заеднички извештај за спроведување на овој закон врз основа на добиените податоци од извештаите од имателите на информации и до 31 март во тековната година за претходната година го доставува до Собранието на Република Македонија.

(4) Извештајот од ставот (3) на овој член по разгледувањето и прифаќањето од страна на Собранието на Република Македонија се објавува во средствата за јавно информирање (билтен, интернет страница).

 Член 38

 Се ослободува од одговорност вработен во државната администрација кој ќе даде заштитена информација, доколку таа е од значење за откривање на злоупотреба на службената положба и коруптивно однесување, како за спречување на сериозни закани за здравјето и животот на луѓето и загрозување на животната средина.

IX. КАЗНЕНИ ОДРЕДБИ

 Член 39

 Со парична казна од 30.000 до 50.000 денари ќе се казни за прекршок одговорното, односно службеното лице кај имателот на информацијата кој нема да даде информација од јавен карактер во согласност со одредбите на овој закон.

 Член 40

 Со парична казна од 30.000 до 50.000 денари ќе се казни за прекршок одговорното, односно службеното лице кај имателот на информацијата кој ќе даде податоци во спротивност со членот 6 став (1) на овј закон, кој ќе одбие или одобри пристап до информација спротивно на одредбите од овој закон, а поради тоа настанала штета за барателот, за јавноста или интересот кој се заштитува со таа информација.

 Член 41

 Со парична казна од 20.000 до 40.000 денари ќе се казни за прекршок одговорното лице кај имателот на информацијата кој нема да определи службено лице надлежно за посредување при остварувањето на правото на слободен пристап до информации (член 8).

 Член 42

 Со парична казна од 20.000 до 50.000 денари ќе се казни за прекршок одговорното лице кај имателот на информации кој нема да ја води и ажурира евиденцијата на информации со кои тој располага и нема да ги објавува на соодветен начин достапен на барателот, согласно со членот 9 од овој закон.

 Член 43

 (1) Со парична казна од 20.000 до 40.000 денари ќе се казни за прекршок одговорното лице кај имателот на информации ако не обезбеди за барателите простории за увид во бараните информации (член 11).

(2) Со парична казна од 20.000 до 50.000 денари ќе се казни за прекршок службено лице за посредување со информации кај имателот на информации ако на барателите не им укажува помош при барањето на информациите во согласност со овој закон (член 11).

 Член 44

 (1) Со парична казна од 20.000 до 50.000 денари ќе се казни за прекршок службеното лице за посредување со информации кај имателот на информацијата доколку во предвидениот рок неосновано не ја посредува информацијата (член 21).

(2) Со парична казна од 20.000 до 50.000 денари ќе се казни за прекршок лице кај имателот на информација кое во жалбената постапка нема да достави или ќе спречи увид во документот од страна на Комисијата (член 32).

 Член 45

 Со парична казна од 5.000 до 30.000 денари ќе се казни за прекршок одговорното лице кај имателот на информацијата кое нема да подготви годишен извештај за спроведување на овој закон и истиот нема да го достави до Комисијата (член 37).

X. ПРЕОДНИ И ЗАВРШНИ ОДРЕДБИ

 Член 46

 Подзаконскиот пропис од членот 1 став (3) на овој закон, ќе се донесе во рок од три месеца од денот на влегувањето во сила на овој закон.

 Член 47

 Владата на Република Македонија актот од членот 29 став (3) на овој закон ќе го донесе во рок од четири месеца од денот на влегувањето во сила на овој закон.

 Член 48

 Имателите на информации ќе определат службени лица за посредување со информации од членот 8 на овој закон во рок од четири месеца од денот на влегувањето во сила на овој закон.

 Член 49

 (1) Претседателот, заменикот на претседателот и членовите на Комисијата се именуваат во рок од 30 дена од денот на влегувањето во сила на овој закон.

(2) Агенцијата за информации престанува со работата.

(3) Комисијата ги презема вработените од Агенцијата за информации во Стручната службата на Комисијата во рок од 60 дена од денот на влегувањето во сила на овој закон.

(4) Комисијата ги презема материјалните, техничките, просторните и другите услови неопходни за спроведување на овој закон од Агенцијата за информации во рок од 60 дена од денот на влегувањето во сила на овој закон.

(5) Комисијата во рок до три месеца од влегувањето во сила на овој закон ќе ги донесе подзаконските акти.

(6) Комисијата во соработка со Владата на Република Македонија, невладиниот сектор и со поддршка на меѓународните организации во рок од шест месеца од влегувањето во сила на овој закон ќе спроведе обука на лицата одговорни за спроведувањето на овој закон.

 Член 50

 Овој закон влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”, а ќе се применува од 1 септември 2006 година.